Skip to main content
КошничкаClose Cart

Другата страна на “натрен“ и останатите вештачки засладувачи

Во блиското минато употребата на вештачките засладувачи беше во подем, и тие беа навистина многу популарни, дојдоа со многу големи ветувања, кои секако не се остварија.

Вештачките засладувачи требаше да ја намалат пандемијата на дебелина и на други болести поврзани со внес на вишок калории и внес на вишок шеќери, но ако ја погледнеме моменталната состојба со овие појави, јасно ни е дека ништо од ветеното не се исполни.

Постојат 5 вештачки засладувачи кои се одобрени за човечка употреба, а тоа се: аспартам (кај нас познат под името – натрен), сукралоза, ацесулфам, нeoтам и сахарин.

Некои од причините поради кои вештачките заслдувачи не успеаа да си ја исполнат својата мисија е тоа што:

Лицата кои користат производи со вештачки засладувачи се свесни дека внесуваат помалку калории, па ги надополнуваат тие калории преку друга храна.

Избор на храна со вештачки засладувачи, не е исто што и избирање на здрава храна и намирници, и секако дека ако нездравите намирници кои ги консумирате сега, ги замените со други нездрави намирници со помалку калории, не може да се очекува дека ќе си го подобрите вашето здравје, бидејќи нарушеното здравје не е последица само на прекумерен внес на калории или шеќери.

Исто така, можно е овие производи да го менуваат начинот на кој го перцепираме вкусот на храната, и да нè прават посклони да бираме вештачки засладени и процесирани, наместо здрави намирници.

Употреба на вештачки засладувачи може да придонесе до тоа да консумираме уште повеќе слатки, и да бираме слатка храна наместо хранлива храна.

Една студија (The San Antonio Longitudinal Study of Aging1) покажала дека употребата на вештачки засладен сок е поврзана со зголемување на обемот на струк, а не е поврзана со намалување на телесната маса.

Иако смислата на постоењето на вештачките засладувачи беше да помогнат во борбата со дијабетесот и дебелината, сепак научните студии покажуваат дека не само што не помагаат при дијабетес, туку може и да ја влошат состојбата, бидејќи и самите ја нарушуваат и негативно влијаат врз инсулинската сензитивност.2

И како еден бонус за крај, најновите студии покажуваат дека вештачките засладувачи допринесуваат за настанување на дисбиоза на гастроинтестиналната микрофлора, и најверојатно преку тој механизам го зголемуваат и ризикот од појава на метаболичен синдром.3

Мојот став за вештачките засладувачи, секогаш беше дека не е препорачливо да се употребуваат, наспроти официјалните препораки за нивна употреба кај некои категории на население, но сега со новите научни откритија, се надевам дека сите овие препораки ќе бидат променети и заменете со нови и корисни препораки.

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска