Здрава или не баш толку здрава храна
Во минатото можеби не се обрнувало големо внимание на начинот на исхраната бидејќи не постоеле научни докази дека храната може да има големо влијание врз здравјето на човекот. Но денес сè повеќе се истражува корелацијата помеѓу храната и здравствената состојба на организмот и овие истражувања често завршуваат со многу интересни заклучоци кои водат кон тоа да се обрнува многу повеќе внимание на храната и исхраната.
Општо познато е дека брзата храна, масната храна, пржената храна и слатките спаѓаат во категоријата на нездрава храна, а дека овошјето, зеленчукот, интегралните житарки, мешунките и јатките се добрата страна на храната. Но, денеска сме изложени на се повеќе манипулации од страна на прехранбената индустрија која сака да пласира нездрави намирници со етикета – здрава храна. Треба да се знае дека сè што е преработено со додаток на адитиви и е спакувано така што може да трае и до неколку години без да се расипи не може така едноставно да се смести во категоријата здрава храна. Во продолжение наведуваме неколку совети кои ќе помогнат при изборот на поздравата варијанта на храна од низата на „здрави“ производи.
Неколку совети за тоа како да ги изберете поздравите варијанти
- Интегралните житарки од познато и квалитетно потекло, кои се подготвени дома и комбинирани со други намирници по сопствена желба дефинитивно се подобар избор од комерцијалните мусли со додаток на шеќер, бои, ароми, и останати адитиви. За жал често пати на таквите пакувања (комерцијални производи од житарки) стојат некои здравствени тврдења и човек лесно може да се доведе во заблуда и да помисли дека го направил вистинскиот избор со купување на некој таков комерцијален житен производ.
- Сушените и кандираните овошја најчесто се со додаток на сулфур диоксид, а понекогаш може да содржат и некои останати адитиви, така што свежото овошје секогаш е најдобар избор. Сепак може да се најде и органско сушено овошје без додаток на шеќер и адитиви, но ако не сте во можност да набавите такво, држете се до свежото овошје.
- Секогаш читајте го составот на производите, ако ви треба диплома по хемија за да го прочитате и разберете составот тогаш нејверојатно тој производ не е за вас, производи со едноставен состав и без адитиви се она што ви треба.
- Консумирајте минимални количества на процесирана храна (за да не внесувате конзерванси, бои, емулгатори, засилувачи на вкус, средства за нараснување на тесто, ароми…), и задолжително читајте ги етикетите, па доколку мора да купите процесиран производ изберете го оној со најмалку и со најнештетни адитиви.
- Внимавајте како ја подготвувате храната. И здравата храна кој е третирана премногу долго и на висока температура може да стане нездрава бидејќи во неа може да се формираат штетни соединенија како што е акриламидот. Затоа овошјето и зеленчукот секогаш треба да бидат свежи, а гответе ја само онаа храна која не се јади во сурова состојба, притоа употребувајте варење или печење, на што пониска температура и што пократко.
- Овошјето и зеленчукот се здрава храна. Иако често се третирани со разни хемикалии, постојат начини на отстранување на пестицидите од овошјето и зеленчукот (нивно потопување во млака вода со сода бикарбона или оцет), и за елиминирање на тешките метали од телото. А уште еден момент важен кај внесот на овошје и зеленчук е тоа што со овие намирници вие внесувате и многу корисни елементи кои ви помагаат многу полесно да ги исфрлите сите токсини, а оневозможуваат и нивно целосно апсорбирање. Уште една позитивна работа е што на нашата територија сè уште може да се најдат растенија кои се минимално третирани. Заклучокот е дека треба да се внимава при изборот на овие намирници и да се купуваат од познати извори, но никако да не се избегнува нивниот внес, бидејќи така може само да изгубиме многу од придобивките кои ги добиваме со консумирање на овошје и зеленчук.
Јадете многу овошје и зеленчук (внимателно избирајте ги овие производи), максимално избегнувајте индустриски процесирани производи и јадете што повеќе свежа, а што помалку термички обработена храна.
Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска