Фитоестрогените и симптомите на менопауза
Периодот на перименопауза (кај нас често се нарекува климактериум) е периодот во кој започнуваат хормонални промени во телото кои водат до престанок на менструалниот циклус, и овој период често пати е проследен со низа непријатни симптоми.
Главна хормонална промена која се случува во овој период е намалување на нивоата на естрогенот. Поради тоа се смета дека фитоестрогените може да имаат позитивна улога во контрола и ублажување на овие симптоми.
Фитоестрогените се супстанци кои природно се содржат во храната, а кои се слични на човечкиот естроген, па се смета дека може да ублажат дел од симптомите кои се јавуваат како последица на намалени нивоа на естроген во телото.
Што ни кажуваат научните студии, на оваа тема?
Всушност и студиите покажуваат дека фитоестрогените можат да ги ублажат симптомите на перименопаузата, а притоа да немаат сериозни контра ефекти.
Консумирање на храна богата со фитоестрогени, може да помогне во намалување на некои симптоми на перименопаузата, како што е топлите бранови.
Фитоестрогените од храната исто така може да превенираат и загуба на коскеното ткиво, во текот на овој период.
Кај жени кои што имаат повисок BMI (body mass index), фитоестрогените од сојата, помагаат во намалување на симптомите на перименопаузата.
Во храна која е богата со фитоестрогени спаѓаат: лененото семе, сојата, сусамот, тофу, пченица, бобинки, овес, мешунки итн.
Сепак најдобриот избор е да ја намалите веројатноста од појава на посериозни симптоми во текот на перименопаузата, преку здрав начин на живот и исхрана и преку редовна употреба на природни извори на фитоестрогени во текот на репродуктивниот период, како и подоцна, бидејќи веќе имаме податоци за тоа дека жените во Јапонија, кои консумираат поголеми количини на храна богата со изофлавоноиди, имаат многу помал ризик од тоа да се соочат со вакви симптоми (18% Кина, 15% Јапонија, а дури 80-85% во Европа и Америка).
Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска