Skip to main content
КошничкаClose Cart

Топ 4 совети за лица со анемија

СОВЕТ БРОЈ 1
Не се фокусирајте само на внес на железо, туку внимавајте на тоа да внесете доволни количини од сите нутриенти кои што се потребни за апсорпција и искористување на железото, а и за синтеза на еритроцити.

Факт е дека железо – дефицитната анемија е најчестиот тип на нутритивна анемија, но тоа не го исклучува фактот дека постојат многу нутриенти кои се важни за апсорпција и искористување на железо и за синтеза на еритроцити, и кои можат да имаат клучна улога во побрзо надминување на железо – дефицитната анемија. Исто така вообичаено е покрај дефицитот на железо, да ви недостасуваат и некои други нутриенти, што е уште една причина за да не се фокусирате само на железото, туку на сите нутриенти кои се важни за правилна синтеза на еритроцити, а кои го помагаат и апсорбирањето и искористувањето на железото. Во овие нутриенти спаѓаат: витамин Б9, витамин Б12, бакар, манган, витамин Ц, цинк, витамин Б6.

СОВЕТ БРОЈ 2
Не се фокусирајте само на тоа да внесете повеќе железо, туку главна цел треба да ви биде да овозможите оптимални услови за апсорпција на железото кое што сте го внеле преку храната.

Вие можете да внесувате доволни количини на железо, но доколку не го апсорбирате и искористувате, тогаш практично е неважно тоа што го внесувате во доволни количини. Во овој дел, најважниот совет кој што можам да ви го дадам е да избегнувате комбинирање на намирници богати со железо (телешко месо, семки и јатки, некои житарки, какао, жолчки од јајца, зелен листест зеленчук, мешунки итн), заедно со намирници кои ја попречуваат апсорпцијата на железото (млечни производи, кофеински и темни чаеви кои имаат голема содржина на танини и кофеин, кафе). И исто така треба да се обидете да ги комбинирате овие намирници богати со железо, заедно со храна која ја поддржува и поттикнува апсорпцијата на железо, (и која содржи и некои од гореспоменатите нутриенти кои се важни за искористување на железото и за синтеза на еритроцити) како што е храна која содржи витамин Ц (свежи овошја, пиперки, киви итн), или Б витамини (целозрнести житарки), или минерали како бакар, манган и цинк (семки од тиква, јатки, семки, мешунки).

СОВЕТ БРОЈ 3
Кога употреба на суплемент е неопходна, потрудете се да не суплементирате мега дози на железо или на кој било друг нутриент, секогаш кога тоа е можно.

Освен во ретки случаи кога ова е оправдано, во најголемиот дел од случаите воопшто не е паметно и неопходно да се суплементираат мега дози на железо или и на некој друг нутриент кој е важен за подобрување на состојбата со анемијата. Ова е така бидејќи: телото има механизми за заштита од предозирање со железо. Железото е метал, па неговата апсорпција е секогаш мала и строго контролирана, бидејќи всушност предизирањето со железо е многу посериозна состојба отколку неговиот благ недостаток. Заради тоа, колку поголеми дози на железо консумирате (орално), толку помал процент од внесените количини, апсорбирате, т.е. телото ја намалува апсорпцијата на железото, и толку поголеми количини на железо ви остануваат за да се ослободите од нив. Како што кажав има исклучоци од секое правило, и некогаш е потребна суплементација на поголеми колчини на железо, но подолгорочна суплементација на мега – дози на железо е нешто што апсолутно треба да се избегнува секогаш кога тоа е можно.

СОВЕТ БРОЈ 4
Доколку навистина има потреба од суплемент, секогаш дајте предност на суплементи кои содржат комплекс од сите нутриенти потребни за изградба на еритроцити, наместо да изберете суплемент кој содржи само железо.




Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска