Skip to main content
КошничкаClose Cart

Неколку идеи за брза и здрава вечера

Свежа зеленчукова салата со додаток на семки/јатки/маслинки, јајце “домашни кубети“/интегрални тестенини

Ова ми е една од омилените вечери во летниот период. Најчесто комбинирам домати, морков, краставичка, магдонос, варено јајце, маслинки, потпечен сусам или сончоглед, и за вечери во кои сте погладни, можете да додадете и малку интегрални тестенини или едно интегрално лепче исецкано на коцки, зачинето со зачини и малку маслиново масло и потпечено на тостер.

Свеж зеленчук + омлет со зеленчук

Ова е навистина брза вечера, која може да се направи и во здрава верзија. Можете да искомбинирате свеж домат/краставичка, и омлет со брокула и спанаќ, кој што ќе го печете/пржете на малку маслиново масло. Комбинацијата од јајца со зелен листест зеленчук, е идеална за лица кои имаат анемија и секако доколку целта ви е да го искористите железото од јајцата и зеленчукот, немојте да додавате млечни производи во оваа комбинација.

Интегрално лепче со здрав намаз + свежа салата

Овие комбинации се безбројни, и секако зависат од тоа кој е вашиот омилен здрав намаз/паштета. Можете да искомбинирате интегрално лепче со авокадо намаз, со хумус, со намаз од маслинки, од сончоглед итн, и секако на сето ова додадете и една свежа салата од вашиот омилен зеленчук за екстра внес на нутриенти. Доколку ви се потребни поголеми количини на протеини и поголем калориски внес, можете да искомбинирате и неколку белки од јајце со оваа вечера.

Се надевам дека денешните предлози ќе ви помогнат полесно да ја организирате и испланирате вашата исхрана, а доколку имате потреба од професионална помош и изработка на индивидуална програма за исхрана за слабеење или за исхрана при одредена здравствена состојба, тогаш можете да ја закажете вашата изработка на индивидуална програма за исхрана, во порака.

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска