Skip to main content
КошничкаClose Cart

Високо фруктозен пченкарен сируп и дефицит на витамин Д

Дека дефицитот на витамин Д е широко распространета појава, нема никакви дилеми, но простор за разни “теории на заговор“, остава фактот дека дефицитот на витамин Д е присутен дури и во сончеви земји па дури и кај лица кои поминуваат доволно време на сонце.

Иако, според мене, одговорот на прашањето: „Зошто дефицитот на витамин Д е толку застапен“, е покомплексен, сепак сметам дека еден од главните одговори на ова прашање е: „Заради тоа што внесуваме огромни количини на фрукоза (овошјето не е проблем, без грижи, проблем е ВИСОКО ФРУКТОЗЕН ПЧЕНКАРЕН СИРУП, кој е дел од скоро секоја индистриски процесирана храна).

Стручната литература која што го опишува метаболизмот на витамин Д, ни објаснува дека внес на поголеми количини на фруктоза (кој што е можен само со консумирање на храна која е засладена со високо фруктозен сируп) ја зголемува експресијата на ензимот 24-hydroxylase која што е одговорен за деградација/инактивирање на активната форма на витамин Д во нашата крв, а во исто време ја намалува експресијата на друг ензим 1α-hydroxylase кој што пак е одговорен за продукција на активната форма на витамин Д во нашиот организам. Исто така сето ова на крај делува и на метаболизмот на калциум и ја намалува апсорпцијата на калциум од храната.

Многу добар рецепт за: „Како да се сончате, а сепак да имате дефицит на витамин Д!“, нели?

Се надевам дека овој текст уште еднаш ќе ви даде до знаење дека најклучно нешто за секој нутриент е неговиот метаболизам и искористеност, а не неговиот внес, или во овој случај синтеза – во кожата, а за правилен метаболизам и искористеност на сите нутриенти, е неопходна избалансирана и правилна исхрана.



Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска