Skip to main content
КошничкаClose Cart

Лептин, грелин и инсулин, хормони одговорни за регулација на телесната маса

Верувам дека често пати слушате за хормонален дисбаланс, и за неговата поврзаност со потешкотиите во регулирањето на телесната маса.

Сепак, скоро секогаш кога се зборува за хормонален дисбаланс, првенствено луѓето тоа со поврзуваат со хормоните од тироидната жлезда, или хормоните кои се продукт на репродуктивните органи или се дел од функционирањето на репродуктивниот систем, но ретко кога се зборува за лептин, грелин и за инсулин во дискусиите за хормонален дисбаланс.

А, всушност овие три хормони се тие за кои најмногу треба да се разговара, кога темата е: проблем со контролата на телесната маса.

Што всушност прават овие три хормони во вашето тело?

Поедноставно кажано, улогата на лептинот е да го намали апетитот, улогата на грелинот е да го зголеми чувството на глад, а улогата на инсулинот, освен што ни е потребен за метаболизам на гликозата во телото, е всушност и тоа што тој е главен хормон во телото за складирање на масти.

Практично, ако имате ниски нивоа на лептин, или имате лептинска резистенција, тоа значи дека ќе имате и проблем со контролата на апетитот и на килограмите, ако пак имате високи нивоа на грелин – веројатно постојано ќе сте гладни, а ако имате и високи нивоа на инсулин, тогаш имате високи количини од еден хормон кој што му кажува на телото да складира што повеќе енергија – во форма на масти.

Механизмот на контрола на апетитот, и контрола на потрошувчаката на енергија, е навистина сложен, и поради тоа не секогаш одговорот на вишокот на телесна маса е: “јади помалку, или, не мешај протеини и јаглехидрати“, туку одговорот е во здрав, правилен и избалансиран начин на исхрана кој што ќе ви овозможи сите овие хормони да се избалансираат и да бидат во оптимален сооднос, како вие не би имале никаков проблем со регулацијата на телесната маса.

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска