Skip to main content
КошничкаClose Cart

9 совети за исхрана на дијабетичари

1. Да се консумира храна со низок до среден гликемиски индекс

Т.е. храна која има повеќе шеќери (како на пример овошје), секогаш да се комбинира со храна богата со растителни влакна, масти и протеини (како јатки/семки или интегрални житарки); да не се јадат прости шеќери (мед, маџун и други засладувачи и слатки), или да се јадат во минимални количини и добро искомбинирани; и во ручеците и вечерите да има повеќе зеленчуци, здрави масти и протеини (во зеленчуци не спаѓа компир).

Зошто треба да се консумира храна со низок до среден гликемиски индекс? Бидејќи оваа храна ви овозможува постабилни и подолготрајни извори на енергија и шеќери, што значи дека нема да имате големи порасти
на шеќерот во крвта и големи падови во шеќерот во крвта, а тоа е она кон што се стреми секој дијабетичар, а и здрав човек – стабилни нивоа на шеќер во крвта.


2. Да се практикува секојдневен интермитентен (периодичен) пост.

Т.е. да се одржува апстиненција од храна, од последниот оброк денес до првиот оброк утре во траење од најмалку 12ч, идеално 14ч, и неколку дена неделно може и 16ч (доколку дозволува здравствената состојба на дијабетичарот). Во периодот на пост е дозволен внес само на вода.

3. Да се бира храна во што поприродна и нерафинирана форма

Да се јаде здрава и нутритивна храна која ќе го обезбеди вашето тело со сите нутриенти што му се неопходни за добро функционирање.


4. Може да се користат и некои од следните намирници за кои е докажано или се смета дека имаат антидијабетски ефекти: ѓумбир, цимет, бобичесто овошје, ленено семе, куркума.

5. Важни нутриенти, кои што се клучни за добар метаболизам на гликозата во телото се: хром, витамин Д, витамин Б12, витамин Б1, магнезиум, јод, цинк.

6. Избегнувајте внес на големи количини на овошје и останати јаглехидрати, навечер.



7. Исхраната треба да ви биде богата со:

зеленчуци, јатки, семки, мешунки, интегрални житарки, овошје (дајте им предност на црвените бобичести овошја), и животински производи од типот на јајца, месо, риба, и млечни производи. Внимавајте на тоа да не внесувате повеќе храна отколку што ви е потребно, и доколку имате вишок на телесна маса, обидете се да постигнете и да одржувате нормална телесна маса.


8. Јадете 2 до 3 добро избалансирани оброци, и по потреба една ужина, наместо голем број на помали оброци.


9. Препорачувам да се употребува интегрален ржан леб

Наместо пченичен леб, употребувајте ржан леб, бидејќи ржот има понизок гликемиски индекс отколку пченицата. И исто така приготвувајте си домашен леб или бирајте леб без додатоци на засладувачи, шеќер и останати адитиви.

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска