Skip to main content
КошничкаClose Cart

ПОСТ КОВИД ИСХРАНА

Што треба да постигнете со исхраната во пост ковид периодот?
Главните нешта што сакате да ги постигнете, во пост ковид периодот, со помош на исхраната се: – да се заштитите од кардиоваскуларни компликации, – да си помогнете во смирување на воспалителните процеси кои се резултат на борбата со инфекцијата, – да си помогнете во регенерирање на сите клетки, ткива, органи, кои настрадале во борбата со инфекцијата.

Classification of Omicron (B.1.1.529): SARS-CoV-2 Variant of Concern


КАКО ТРЕБА ДА ИЗГЛЕДА ВАШАТА ИСХРАНА ВО ПОСТ КОВИД ПЕРИОДОТ?

✔️Многу свежо овошје и зеленчук Свежото овошје и зеленчук со интензивни бои ви служат како извор на антиоксиданти, и на фитонутриенти кои имаат разни позитивни ефекти и на кардиваскуларното и на општото здравје.

✔️Многу пробиотици и пребиотици После прележана инфекција, а особено после прележување на инфекција во која се употребувале лекови и антибиотици, нашата гастроинтестинална а и останата микрофлора е нарушена и дисбалансирана. Затоа ви требаат мнооогу пробиотици (природно ферментиран зеленчук, кефир, јогурт, суплементи…) и доволно пребиотици (инулин) – преку: артичока, корен од цикорија, лук, кромид, банана, јаболко итн.

✔️Здрави протеини После прележана инфекција ви требаат поголеми количини на протеини за да може да се регенерираат и да се поправат сите оштетувања кои настанале во текот на инфекцијата. Бирајте здрави протеини кои доаѓаат во пакет со многу корисни нутриенти, и бирајте лесно искористливи протеини: растителни протеини од јатки, семки, мешунки, печурки, житарки и печурки, потоа: сурутка, урда, белки од јајце, риба, и живинско месо.

✔️Здрави мастиСо акцент на омега 3. Кажавме дека главното нешто на што се фокусираме е да се заштитиме од кардиоваскуларни компликации и затоа омега 3 масните киселини се главен дел од пост ковид исхраната. Ленено масло, рибино масло, по потреба и квалитетен суплемент со омега 3 масни киселини (DPA и EPA), за добро кардиваскуларно здравје и за смирување на сите воспалителни процеси. Оскудните научни податоци што ги имаме конкретно на оваа тема, покажуваат дека EPA масната киселина има повеќе позитивни ефекти отколку DHA во оваа ситуација. При употреба на антикоагулантна терапија, консултирајте се со вашиот лекар, пред употреба на суплементи со омега 3 масни киселини.

✔️Доволно калории Потребна ви е енергија за да ги извршите сите процеси на обновување во телото, па поради тоа внесувајте доволно енергија, но немојте да внесувате празни калории, т.е. рафинирани производи кои не ве обезбедуваат со никакви корисни нутриенти, а ве обезбедуваат само со калории. Доколку имате вишок на телесна маса, треба да внимавате на внесените калории, и дефинитивно треба да внесувате само калории кои ве обезбедуваат со корисни нутриенти.

✔️Доволно вода и течности Внесувајте доволно вода за да останете хидрирани, и да му овозможите на телото непречено да ги транспортира или елиминира сите нутриенти и метаболити, онаму каде што е потребно.

✔️Доволно антиоксиданти Тие ни се потребни за борба со слободните радикали и сите нус производи на забрзаниот метаболизам во тек на обновување на многу клетки ткива и органи во нашето тело. Останати извори на моќни антиоксиданти (покрај тие што ги наведовме погоре) се: домат, моркови, зелен листест зеленчук, куркума, јатки и семки, виолетова зелка, мешунки итн.

✔️Природни антикоагуланти Куркума, ѓумбир, цимет, омега 3 масни киселини, кои што ќе ви помогнат во тоа да го намалите афинитиетот на тромбоцитите кон коагулирање и формирање на крвни тромби.✔️Сложени јаглехидратиИнтегрални житарки, и мешунки.

✔️Внес на нутритивно густа храна Интегрални житарки, мешунки, белки од јајца, овошје, зеленчук, јатки и семки, риба, живинско месо, млечни производи кои содржат повеќе протеини, а помалку масти (урда, грчки јогурт…). И секако внимавајте на внесот на сол, т.е. ограничете го внесот на сол, на нормални количини.

ШТО ТРЕБА ДА ИЗБЕГНУВАТЕ?

✔️Транс масти – заради нивното деструктивно дејство врз кардиоваскуларниот, а и другите системи во нашето тело.

✔️Храна која негативно влијае врз здравјето на вашиот кардиоваскуларен систем: месни преработки, омега 6 масни киселини во големи количини, слатки и прости шеќери, рафинирани производи, оксидиран холестерол (кој најмногу го има во преработки со јајца и готови смеси за палачинки со јајца, пржена храна и некои други производи), газирани безалкохолни пијалоци, алкохол.

✔️Проинфламаторна храна и производи: пржена храна, рафинирана храна, голема количина на животински масти, рафинирани јаглехидрати и шеќери, процесирани месни производи, безалкохолни пијалоци итн.

НА КОИ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОДУКТИ ТРЕБА ДА СЕ ФОКУСИРАТЕ?

✔️Извори на антиоксиданти: ЦРВЕНИ ОВОШЈА, цитрусни овошја, зелени и обоени зеленчуци, семки, јатки.

✔️Извори на природни антикоагулантни состојки: ѓумбир, куркума, кајен пиперка, лук, цимет, омега 3 масни киселини. (доколку употребувате антикоагулантна терапија, исконсултирајте се со вашиот лекар, пред да започнете со консумирање на овие намирници, редовно и во поголеми количини).

✔️Извори на пробиотици: суплементи, кефир, кисела зелка, пробиотски јогурт, комбуха итн.

✔️Извори на пребиотици: корен од цикорија, кромид, лук, и останати овошја, зеленчуци и интегрални житарки.

✔️Извори на омега 3 масни киселини: ленено масло, ленено семе, чиа семе, риба, рибино масло, јатки, семки.

✔️Извори на здрави протеини: мешунки, јатки и семки, печурки, белки од јајца, урда, сурутка, риба, живинско месо.

Извадок од ВОДИЧ ЗА ИСХРАНА ЗА ЗДРАВ ИМУН СИСТЕМ, ИСХРАНА ПРИ БОЛЕСТА КОВИД -19, И ПОСТ КОВИД ИСХРАНА

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска