Skip to main content
КошничкаClose Cart

На почетокот сакам да потенцирам дека “дијагнозата“ за грчеви треба да биде поставена од стручно лице/педијатар, а во продолжение следуваат диетни и останати прифатени и официјални препораки за бебиња со грчеви. Важно е да се каже дека точната причина и точниот механизам на делување на грчевите не е познат, но сепак истражени се придобивките од неколку начини на третирање на грчевите кои ќе ги разгледаме во продолжение.

Грчевите знаат да бидат истоштувачки и за мајката и за бебето и за целото семејство. Бебе што плаче, подолг период во текот на денот, секако не е посакувана глетка, и секако не е емотивно лесен процес, но треба да знаете дека бебето не е болно и дека на крај сè ќе биде во ред. Исто така треба да знаете и дека тој период на грчеви вообичаено трае пократко кај бебињата кои што се доени, а исто така треба да знаете дека сепак постојат нешта кои може да му помогнат на бебето полесно да го надмине овој период.

Грчеви кај бебињата или infantile colic се дефинираат како појава што се манифестира со плач кај бебето кој трае повеќе од 3 часа дневно, повеќе од 3 дена во седмицата и не помалку од 3 седмици во континуитет, при што бебето може да прави движења со рацете и нозете кои укажуваат на болки во стомачето. Вообичаено грчевите се јавуваат после втората недела од животот, а престануваат околу третиот – четвртиот месец од животот (често пати и многу порано).

Исхраната кај мајката и грчевите кај бебето

Кај бебиња со грчеви забележано е подобрување на симптомите на грчевите ако мајката од својата исхрана ги исфрли најголемите алергени (секако само додека да помине периодот на грчеви) кравјо млеко, јајца, јаткасти плодови, риба, кикирики и пченица.

Иако не постојат научни студии за ова, останати намирници кои често пати се избегнуваат при грчеви кај бебето се: мешункастите растенија (грав, леќа, грашок…), брокула, зелка, лук, кромид и зачинета храна.

Моја препорака е да се обидете што посмирено да го поминете овој период, со информацијата дека тоа е период кој вообичаено не трае многу долго, и исто така ви препорачувам да не правите непотребни рестрикции вo исхраната. Ако забележите дека вашето бебе навистина има грчеви откако вие ќе изедете одредена намирница, тогаш, да – може да ја избегнувате таа намирница одреден краток период, но не ги исфрлајте сите овие намирници од вашата исхрана, одеднаш и беспотребно, бидејќи дури и “ништо“ да не јадете, ако бебето има грчеви, едноставно треба да помине одреден период за да се реши овој проблем. 

Употреба на пребиотици и пробиотици

Овие производи се употребуваат навистина често за решавање на проблемите со грчевите, но сепак сè уште не постои официјална препорака за нивна употреба во решавање на проблемите со грчевите.

Иако постојат ветувачки студии сепак потребни се понатамошни студии за утврдување на точниот ефект на пробиотиците врз целокупното здравје на новороденнчето.

Јас сметам дека откако ќе ги испробате другите методи кои не вклучуваат внес на дадена материја во дигестивниот систем, и ништо од нив нема да ви помогне, суплементација на пробиотиците е најбезбедно можно решение за разлика од давање на разни чаеви и други домашни лекови со недокажана безбедност.

Постојат студии кои покажале поволно делување на бактеријата Lactobacillus reuteri, во решавање на проблемите со грчеви, така што кога бирате пробиотик, избретете го оној кој ја содржи оваа бактерија.

Бебиња кои што се родени со царски рез треба да бидат суплементирани со пробиотик со поглем број на пробиотиски култури (во времетраење и количина препорачана од стручно лице), бидејќи не ја добиваат мајчината микрофлора која се добива при минување низ родилниот канал. Исто така при секоја употреба на лекови и антибиотици кај бебињата, препорачливо е да се суплементира и пробиотик.

Други методи кои може да ви помогнат при грчеви

Ова се методите кои треба први да ги пробате, бидејќи се сосема безбедни а според искуствата на родителите (и според лимитирани научни студии) можат и да ви помогнат.

Методи кои исто како и останатите, не се сосема научно докажани, но се безбедни и можете слободно да ги примените се: држење и нишкање на вашето бебе во раце; контакт кожа-кожа (студиите се доста ветувачки во поглед на оваа метода, но секако потребни се дополнителни истражувања); масажа на стомачето; бели шумови; смирувачка музика.

Накратко: доколку се одлучите да направите промени во вашата исхрана, не ги исклучувајте одеднаш сите производи за кои сте слушнале дека може да придонесат за појава на грчеви, туку ако се одлучите за тоа, тогаш исклучувајте една по една намирница; доколку има потреба обидете се да му помогнете на детето со суплементација на пробиотици; обидете се да помогнете и со контакт кожа – кожа, бели шумови, масажа, смирувачка музика, држење во раце.

Автор: дипломиран Нутриционист Маја Велковска