Дали овошјето е оброк?
Често пати слушам дека многу лица консумираат само овошје за појадок или за вечера, и дека со овошје заменуваат цел еден оброк.
Исто така постои и популарната пракса на консумирање само овошје, и тоа во големи количини (1-2 килограми), во периодот од станување од спиење, па се до попладневните часови кога е време за ручек.
Сите кои што сте запознаени со ставовите кои што ги споделуваме тука, знаете дека препорачуваме оброците да се состојат од намирници кои што ќе ве обезбедат со доволни количини на протеини, масти и јаглехидрати, а оброк составен само од овошје, дефинитивно не може да го направи тоа.
Не велам дека ако понекогаш се изеде само овошје, наместо оброк, тоа е сериозна грешка, или дека е нездраво, штетно итн, но сепак сметам дека редовно консумирање на поголеми количини на овошје, наместо оброк, не е баш најидеалното решение, за најголем дел од вас.
Зошто?
Прво, затоа што, како што веќе кажавме, доколку консумирате “оброк“, кој што се состои само од овошје, не внесувате доволни количини на протеини и масти со тој оброк.
Друго, доколку консумирате само овошје и не внесите протеини и масти во оброкот, најверојатно побрзо ќе огладните, и нема да бидете сити подолго време.
Исто така, кога внесувате поизбалансирани оброци, кои што ги содржат сите макронутриенти, тоа ви овозможува подолго време да се чувствувате сити, и да не искусите понагли промени во нивото на шеќер во крвта, и нагол пад на енергијата.
Во текстот не зборуваме за праксата, да се започне денот со 1-2 парчиња овошје, па потоа да се продолже со консумирање на оброк, туку тука зборуваме за консумирање на големи количини на овошје, редовно и како замена за оброк.