Skip to main content
КошничкаClose Cart

Што е тоа синдром на полицистични јајници?


Иако на прв поглед ова звучи како состојба која ги зафаќа јајниците, сепак овој синдром претставува системско ендокрино (хормонално) и метаболичко пореметување кое на крај завршува со видливи цисти на јајниците;

Што предизвикува појава на цисти?


Разните хормонални и метаболички дисбаланси кои се основа на оваа состојба доведуваат до несоодветен развој на фоликулите во јајникот (за време на месечниот циклус), по што не следува овулација и незрелиот фоликул останува во јајникот – формирајќи циста. Континуирано повторување на овој процес доведува до појава на многу цисти – полицистични јајници.

Секоја 1-на од 10 жени се соочува со овој здравствен проблем, а веројатно бројките се и поголеми ако се земат во обзир недијагностицирани случаи, и широката распространетост на состојбите кои се тесно поврзани со СПЈ, како што се инсулинската резистенција, дебелината итн. 

Најдобрата вест е тоа што преку соодветна исхрана и здрав начин на живот, ние можеме во голема мера да влијаеме на некои од елементите на СПЈ, односно преку исхраната може да се подобри инсулинската сензитивност, и да се намалат високите нивоа на инсулин во крвта, а и да се регулира телесната маса;

Следните совети, може да ти помогнат во намалување на симптомите на ПЦОС:

Фокусирај се на антиинфламаторна исхрана, т.е. јади ја храната во нејзините природни облици, со фокус на изворите на моќни антиоксиданти, како што се црвените овошја, обоените зеленчуци, јатките итн. Обиди се максимално да се воздржуваш од употреба на инфламаторна храна (намирници кои што поддржуваат и поттикнуваат воспалителни процеси во телото), т.е. преработена храна, храна богата со транс масти, разни адитиви, конзервани, шеќери итн.

Доколку страдаш и од инсулинска резистенција или хиперинсулинемија, тогаш ти е потребна правилна комбинација на оброците. Труди се секој оброк да ти биде комбинација од здрави извори на масти, протеини, растителни влакна и здрави јаглехидрати, за да избегнеш внес на оброк со висок гликемиски индекс, кој што не е баш препорачлив за лица со хиперинсулинемија/инсулинска резистенција.

Не се прејадувај и не се изгладнувај. Доколку имаш нормална телесна маса, тогаш обрни внимание само на тоа да избегнеш внес на поголема количина на празни калории, и внимавај на тоа да внесуваш квалитетна храна, и доволни количини на протеини, и микронутриенти. Доколку имаш вишок на телесна маса, тогаш ти е потребна калориска рестрикција, но таа калориска рестрикција треба да е разумна. Немој да применуваш “диети“ кои што содржат премалку калории, и кога веќе правиш калориска рестрикција, најдобро е целата храна што ја внесуваш да биде квалитетна, и да е извор на корисни микро и макронутриенти, а празните калории се нешто што не ти е потребно, во ваков случај. Бројот на калории што треба да се внесува е различен за секого, и се пресметува врз основа на низа фактори и параметри, но повеќето жени кои што имаат потреба од слабеење, можат да постигнат слабеење и внес на сите потребни нутриенти, со консумирање на околу 1600-1800ккал на ден.

Внесувај доволно јод, доволно витамин Д, цинк, омега 3 масни киселини, витамин Б12, и витамин B9.

Практикувај умерена и соодветна физичка активност, труди се да спиеш доволен број на часови (се препорачува сонот да трае од 7 до 8 часа), и во соодветни периоди (од околу 22ч до околу 6ч), практикувај прошетки во природа и на чист воздух, пиј доволно вода, поминувај доволно време на сонце, работи и на твоето ментално и духовно здравје.

На крај би завршила со тоа што ќе набројам неколку намирници кои што сметам дека не треба да се дел од твојата исхрана, нешта кои што треба да се застапени во помали количини и неколку намирници за кои што сметам дека треба да се редовно застапени во твојата исхрана.

Нештата кои што сметам дека не треба да се дел од твојата  исхрана се: транс масти, од типот на маргарин, и други рафинирани растителни или животински масти и масла, месни и млечни преработки кои што содржат повеќе адитиви, шеќер, слатки, колачи, купечки сокови, стандардни бели пецива и бел леб.

Нештата кои што треба да ги редуцираш и кои што не би требало да се користат во поголеми количини би биле: животински млечни производи, жолчки од јајца и црвено месо.

А нештата кои што сметам дека треба да се редовно застапени во твојата исхрана би биле: црвените овошја, зелкастите зеленчуци, јатките и семињата, интегралните житарки, риба и полесно сварливите мешунки како што се боранијата, грашокот, црвената леќа, наутот итн.

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска