Skip to main content
КошничкаClose Cart

Иако најголемиот процент на случаи на дебелина се резултат на неправилна исхрана и физичка неактивност, сепак дебелината може да се јави и поради други причини.

Потрошувачката и складирањето на енергија како и испраќањетo и примањето на сигналите за ситост и глад се комплексни процеси во чија регулација се вклучени и одредени хормони, па така понекогаш причината за дебелина може да е резултат на хормонален дефицит/суфицит или друга нефункционалност (пр. генетски дефект) во некои од процесите вклучени во регулацијата на телесната маса.

Хормонот ГРЕЛИН се лачи од страна на специјализирани ендокрини клетки во гастричната мукоза и тој е уште наречен хормон на глад бидејќи вообичаено се лачи при постење – невнесување на храна и всушност служи за да поттикне внес на храна.

Грелинот го стимулира мозокот, и доведува до зголемување на апетитот, а го намалува метаболизмот и ја намалува способноста на телото да согорува масти, истовремено поттикнува складирање на масно ткиво во абдоменалната регија.

Интересно е што сигурно очекувате дека лица кои имаат вишок килограми ќе имаат и повисоки нивоа на грелин, ама реалноста е сосема спротивна. Додека научниците откријат што точно се крие позади ова (првичните теории се дека лица кои имаат вишок килограми се почувствителни на грелин, и имаат повеќе рецептори за грелин, па заради тоа не им требаат големи количини на грелин за да се оствари неговиот ефект), ние само ќе знаеме дека се запознавме со уште еден хормон во нашето тело, хормонот – ГРЕЛИН!

Заклучокот е дека иако најголемиот дел од случаите на дебелина се решаваат многу брзо и едноставно, некогаш тоа не оди баш така лесно, а не оди баш толку лесно бидејќи регулацијата на телесната маса е навистина комплексен процес, од кој грелинот е само еден мал дел!


Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска