Често пати се случува да слушнам некој да каже дека јаде доцна навечер или дека станува навечер за да јаде нешто.
Иако и јадењето доцна навечер не е здрава навика, второто нешто во некои случаи може да укажува и на здравствен проблем.
Овој проблем може да е резултат на тоа што не јадете доволно храна и соодветно избалансирани оброци во текот на денот, може да е резултат на немање доволно сон, или некое пореметување во поглед на сонот, но исто така може да биде резултат и на некое метаболичко пореметување.
Треба да научите да разликувате чувство на глад проследено со некои симптоми (главоболка, препотување, тремор, интензивно чувство на глад, вртоглавица…), од глад/јадење на храна само затоа што ви е досадно, ви се јаде а не сте гладни, или како што често ми велат затоа што сте “стрвна/стрвен“.
Затоа ако навистина ве буди глад и имате и други симптоми кои укажуваат дека нешто не е во ред, добро е сериозно да си го сфатите овој навидум смешен симптом, и да превземете чекори за да го решите овој проблем.
Често пати овие симптоми се поврзани со пореметен метаболизам на јаглехидрати, хиперинсулинемија, инсулинска резистенција и преддијабетес, а добрата вест тука е дека повеќето од овие работи можеме да ги решиме и со соодветна диетотерапија.