Skip to main content
КошничкаClose Cart

Да броиме калории или да не броиме, дали се важни или не?

Калориите се мерна единица за количина на енергија и апсолутен факт е дека односот меѓу внесената и потрошената енергија е поврзан со тоа дали слабееме, се дебелееме или си ја одржуваме телесната маса.

Но ова е единствениот дел каде што математиката е едноставна кога станува збор за човековото тело, а се друго е прилично покомлицирано.

Постојат многу нешта кои што влијаат на потрошувачката на енергија во нашето тело, а телото исто така располага и со механизми за регулирање на потрошувачката на енергија, што на крај резултира во тоа да некој не може да ослабне дури и кога прави “калориска рестрикција“, а некој не се дебелее дури и кога е во “калориски суфицит“.

Моето мислење е дека нема потреба од постојано мерење на количината на храна, и броење на калориите. Ако се земе во обзир колку се распространети нарушувањата во исхраната денес, тогаш веднаш ќе ни стане јасно дека опседнување со броење и мерење на храната, не води кон нешто добро, на долгорочен план.



Сепак сметам дека броење на калории и макро/ микронутриенти привремено, е корисен метод за анализа на начинот на исхрана на одреден клиент, и е од голема помош за изнаоѓање на најсоодветното решение за дебелината во дадениот случај.

Многу клиенти не се свесни дека јадат премалку, или дека јадат премногу, или пак дека им недостасуваат протеини, или јадат многу прости шеќери итн, па затоа, едно неделно следење на тоа што и колку јадеме, и анализа на тоа со помош на некоја апликација за пресметка на макро и микронутриенти, дефинитивно може да биде корисна, за да ни биде појасно, што всушност јадеме, и како се храниме.

Така што, постојано броење само на калории, и опседнатост со мерење на храната, нема баш некоја смисла, но информацијата за калорискиот и макро/микронутритивниот внес на една личност е секако корисна информација во процесот на изнаоѓање на најсоодветни совети, начин на исхрана и целокупно решение за даден случај на дебелина. А исто така, ако се користи краткотрајно, ова може да биде и корисна алатка, за проценка на моменталниот начин на исхрана на една личност.

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска